Состојбите во економијата, политиките што ги презема Владата и посветеноста во остварување на тие политики со цел остварување на планираниот економски раст и стабилизирање на инфлацијата се дел од пораките што министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ги пренесува на средбите во Вашингтон, кадешто учествува на Пролетните средби на Меѓународниот монетарен фонд и Светската банка, соопшти Министерството за финансии.
Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска, која престојува во Вашинтон, каде учествува на Пролетните средби на ММФ и Светска банка, очекува дека проектираниот раст на економијата на земјава од 3,7% е реален.
- „Оваа криза која дава голема неизвесност ние како држава може многу да ја искористиме, во смисла на префрлање на капацитетите од европските земји. Односно капцитетите во европските земји ќе се затвораат и понатаму, затоа што царините значат повисоки набавни цени и на тој начин европскиот пазар ќе бара алтернативи за отворање капацитети онаму каде што ќе имаат на некој начин поевтина работна сила. Иако во земјава веќе не е евтина работната сила, но е сепак на пониско ниво од европската. Оттука мислам дека проекцијата од 3,7% е реална проекција“, рече министерката за финансии во изјава за македонските медиуми по објавување на Глобалниот извештај на ММФ.

Таа потенцира дека она на што Владата е посветена и она што го бара ММФ е фискална консолидација, но дека работите не можат преку ноќ да се сменат и дека ќе треба уште време.
Минисерката за финансии од денеска до 26-ти овој месец учествува на Пролетните средби на Групацијата на ММФ и Светска банка, каде ќе оствари средби со високи претставници на овие две меѓународни финансиски институции, како и со претставници на Трезорот на САД, соопшти МФ.
Димитриеска-Кочоска истакнала дека очекува поддршка од Светска банка во однос на спроведување на дигитализација на процесите во Министерството за финансии и Управата за јавни приходи, како и поддршка од Трезорот на САД преку експертиза за забрзана имплементација на тие процеси.

Како што посочила, тоа ќе помогне во давање побрзи услуги кон бизнисот, за што било разговарано и на средбите со македонските иселеници во Чикаго, кои имаат свои компании во САД, но имаат и компании во РС Македонија и планираат да ги прошираат своите деловни активности.
Во одговор на прашање во врска со исплатата на платата на вработените во институциите од секторот култура, Димитриеска-Кочоска нагласила дека тоа ќе биде направено во оној момент кога платата ќе биде пресметана согласно закон.
-Инсистирам од првиот ден пресметките да ги направат согласно општиот и посебниот колективен договор и во оној момент кога ќе се пресметаат согласно закон ќе бидат исплатени. Преку буџетот 90 000 лица земаат плати и немало проблем и истите закони важат и за вработените во секторот култура и тие треба да се почитуваат, истакнала министерката, додавајќи дека прашањето со исплата на платите кај инспекторатите е поради неусогласеност со посебните закони.





