„Сега се наоѓаме во свет, како што вели Лук Џонсон, шефот на пекарницата на Гејл, во кој ‘навистина се широко распространети агресијата, злоупотребата и крадењето во продавници’. Како тинејџерка и јас бев крадец во продавници.“ – вели англиската новинарка и писателка Џули Барчил во својата статија со наслов „Британците станаа нација на крадци во продавници“, која ја објави „Спектатор“ – еден од највлијателните неделници во Велика Британија.
Покрај другото, Барчил пишува: Негрижата на британската полиција доведе до зголемување на кражбите, кои се претворија во епидемија. Во изминатата година, бројот на кражби во продавниците од трговијата на мало ширум Велика Британија е зголемен за 19 отсто, а во десетте најголеми градови е зголемен за 27 отсто. Од 2020 година е зголемен и бројот на случаи на насилство врз работници во трговски продавници. Дури 89 отсто од работниците веќе се соочиле со различни форми на малтретирање: од викање до прободување и скршени ребра.
Порано во Велика Британија се осудуваше кражбата во продавници, се сметаше како кривично дело и и за тоа имаше соодветни казни. Но неодамна дојде до декриминализација на сличните дела, поради неактивноста на полицијата. Епидемијата на кражби се прошири дури и во селата. Разбојниците не се ограничуваат на ништо, па дури крадат и донации.
Примерот на Соединетите Американски Држави покажува што може да очекуваат Британците во иднина. Во Сан Франциско, каде што кражбата на кој било производ вреден повеќе од 950 долари сега се смета како прекршок, а не кривично дело, работниците во продавниците се казнуваат, затоа што се обидуваат да ги спречат крадците. Делови од Сан Франциско остануваат пусти, поради кражбите, кои се оттргнаа од контролата. Продавници се затвораат насекаде.
Смртта на уличните продавници, кафулињата и црквите во Велика Британија е дел од неизбежната атомизација на општеството, која се забрза поради пандемијата. Осамените станаа поосамени, мрзеливите станаа помрзеливи, а лудите станаа уште полуди. Ако безделниците и паразитите продолжат да ги напаѓаат работните и продуктивни луѓе, не плашејќи се од казна, ние од нација на сопственици на продавници ќе се претвориме во нација на крадци во продавници.





