„Предводени од Радев, московските лојалисти во Софија користат тактики во стилот на Кремљ за да ја уценуваат Македонија. Софија го блокира почетокот на преговорите на Скопје за членство во ЕУ сè додека Македонците не потклекнат на бугарските барања. Од Македонија се бара да признае дека е ‘вештачка држава’ и да го прифати ‘автентичниот’ бугарски идентитет.“ – вели Едвард Џозеф, експерт за управување со конфликти и предавач во Школата за напредни меѓународни студии на универзитетот „Џон Хопкинс“ од САД во својот авторски текст објавен во магазинот „Форин полиси“, кој го пренесува весникот „Нова Македонија“..
„Софија може да ги поткопа темелите на македонската држава“
Џозеф пишува, покрај другото: „Заедно со насилните промени на историскиот наратив, Софија може да ги поткопа темелите на македонската држава. Немилосрдните бугарски барања се особено штетни, со оглед на тоа што македонските граѓани веќе тешко се согласија да се промени името на државата во ‘с.Македонија’.“
„Макрон го претстави последниот предлог, за да се повлече ветото на состанокот на Европскиот совет со кој Франција претседава. Прекршувајќи го европскиот протокол, Париз ќе може да ѝ овозможи на Софија да ги вметне своите билатерални барања во формализираниот европски преговарачки процес, што е опасен чекор не само за Македонија туку за целата ЕУ. Речиси секоја идна членка на ЕУ има сосед, што сака да ги исправи воочените историски грешки.“
„Ако биде прифатен во Софија, францускиот предлог би довел до политичка криза во Македонија. Според условите, македонската влада добива симболично политичко отворање на преговорите со ЕУ. Потоа Скопје мора да усвои уставен амандман, за кој е потребно двотретинско мнозинство, со што во Преамбулата се внесува бугарската националност. Бугарија ќе ги види нејзините позиции за историјата и културата официјално признаени од ЕУ.“
„Има премногу влогови, за да се остави да се одигра пропаднатата дипломатија на францускиот претседател. Вашингтон треба да ја дополни француската понуда со додавање на состојката што недостига: наметнување цена на Бугарија за нејзината идентитетска агресија.“
„Има решение за да му се парира на екстремниот бугарски национализам“
„Екстремниот бугарски национализам има сеопфатна цел: да го негира македонскиот идентитет. Решението е САД и сојузниците, како Велика Британија, кои би можеле да го следат водството на Вашингтон, да склучат билатерален културен договор со Македонија што го потврдува македонскиот идентитет. Договорот би можел да биде склучен брзо според неодамна отворениот Стратегиски дијалог меѓу САД и Македонија.“
„Владата на САД ‘ќе признае дека македонскиот народ има своја историја, култура, наследство и македонски јазик’ – токму таков идентитет што бугарските националисти сакаат да го избришат.“





