Британскиот премиер Борис Џонсон ја спореди војната во Украина со правото на Британците кои гласаа за Брегзит, односно излегувањето на Британија од ЕУ, што предизвика гнев кај европските дипломати, јавува Би-Би-Си.



„Британците, како и Украинците, имаат инстинкт „да изберат слобода“ рече Џонсон и го наведе гласањето за напуштање на ЕУ во 2016 година како „неодамнешен пример“.

„Кога Британците гласаа во голем број за Брегзит, не верувам дека тоа беше затоа што беа малку непријателски настроени кон странците, туку затоа што сакаа да бидат слободни и да ги прават работите поинаку“, рече Џонсон.

Доналд Туск, поранешен претседател на Европскиот совет, рече дека коментарите на Џонсон се навредливи: „Борис, твоите зборови ги навредуваат Украинците, Британците и здравиот разум“, напиша тој на Твитер.

Џонсон разбесни и некои сопартијци, кои го обвинија дека предизвикува поделби во време кога Западот мора да покаже единство против Русија.

„Ако сакаме да го победиме Путин на крајот, мора да имаме меѓународно лидерство и единство. Споредувањето на борбата на украинскиот народ против тиранијата на Путин со Британците кои гласаа за Брегзит го наруши угледот на државноста што почнавме да ја градиме“, рече Тобијас Елвуд шеф на парламентарниот одбор за одбрана.

Ги Верхофштад, поранешниот белгиски премиер и поранешен координатор на Европскиот парламент за Брегзит, изјави дека паралелата на Џонсон е „луда“: „Да бев Украинец, ќе бев навреден. Да бев Британец, ќе се срамев.

Како француски дипломат, нема да коментирам на Твитер“, напиша Филип Ерера.

„Борис Џонсон е национален срам. Неговата глупост е во спротивност со храброто раководство на Владимир Зеленски. Споредувањето на референдумот со жени и некој кој бега од бомбите на Путин е навреда за секој Украинец“, коментира Ед Дејви, лидер на Либерал-демократите.