Џонсон: Европа да ја намали зависноста од руски гас и нафта

Британскиот премиер Борис Џонсон смета дека е неопходно да се развие заедничка европска енергетска стратегија дизајнирана да ја намали зависноста од снабдувањето со енергија од Русија.



„За нас во Обединетото Кралство е важно да не им проповедаме на земјите кои се силно зависни од рускиот увоз“, рече Џонсон во интервју објавено во саботата за германскиот весник „Велт ам Зонтаг“.

Според него тоа не се однесува само на Германија и Италија, туку дека сите европски земји се повеќе или помалку зависни.

„Потребна ни е заедничка европска стратегија за да излеземе од оваа зависност“, рече шефот на британската влада, на прашањето дали земјите од ЕУ сега треба да одбијат да купуваат гас и нафтаод Русија.

„Мислам дека германскиот канцелар Олаф Шолц се согласува“, рече Џонсон, додавајќи дека „ќе има дефинитивен распоред, програма“.

„Постојат и други извори во Северна Америка, Канада и регионот на Персискиот Залив. Начини за копроизводство на повеќе обновлива енергија“, рече тој, додавајќи дека „на граѓаните нема да им биде лесно“. Но, во секоја неволја има можност“, заклучи тој.

„Фајненшл тајмс“ во вторникот објави дека Обединетото Кралство започна итен преглед на начините за намалување на зависноста од рускиот гас поради ситуацијата околу Украина.