Македонија на глобалната сцена на музичката и филмската индустрија . По изведбата на преставата „ Пеколна комедија : Исповеди на сериски убиец“ во рамки на фестивалот Охридско лето , Џон Малкович од Скопје порача дека проектот за изградба на филмски студија ќе ја поттикне економијата и ќе го насочи меѓународното внимание на извонредниот талент кој го има во Македонија.
„Сите ја споделуваме визијата за поставување на Македонија на глобалната сцена на филмската и музичката индустрија, покажувајќи ја нејзината убавина, талент и потенцијал. Овој напорен проект е доказ за вербата во истрајноста – и дека со работа рака под рака… заедно ќе создадеме нова економска иднина за регионот“, рече Џон Малкович.
Во рамки на проектот е предвидено изградба на филмски студија, бизнис комплекс за истражувања, едукации, сместување, трговија. Носители на овој проект се лица од САД, Србија и од земјава. Зад проектот стои групацијата „STP Capital partners“.
Владата од пред повеќе од една година вети дека ќе го разгледа овој проект. Малкович е еден од партнерите во студиото „Стоунбриџ“, заедно со актерот Мет Дилон, ко-основачот на студиото Ерик Брнс и претседателот Иван Видаковиќ, српски бизнисмен.
„Моето партнерство во овој проект е мојот начин да се вратам, да придонесам за дел од светот кој мене многу ми значи. Ќе изградиме наследство кое не само што ќе влијае на филмската индустрија, туку и ќе остави траен впечаток во срцата и умовите на сите кои ќе се сретнат со магијата на Македонија и ќе ја променат иднината на оваа голема земја“, рече Малкович кој има потекло од Хрватска.






