Три дена откако висок функционер отишол во Грција со службено возило и два дена откако Нетпрес откри дека џип на МВР е виден во камп во Грција, реагираше министерството.
Министерството за внатрешни работи под притисок од јавност одговори на дел од прашањата во врска со службеното возило кое на 2 август ја минало границата со Грција.
За дел од прашањата МВР воопшто не дава одговори.
По дводневна истрага Министерството за внатрешни работи одговори на пишувањето на порталот Нет прес, според кој возило „ренџ ровер“ на МВР во кое имало четири девојки било видено во Грција.
МВР вечерва соопшти дека возилото „Ренџ Ровер Дискавери спорт“, кое е во нивна сопственост, било управувано од полициски службеник и со соодветен службен налог.
„По извршените проверки, констатирано е дека на ден 2 август 2018 година, возилото „Ренџ Ровер Дискавери Спорт“ со регистарски таблички СК-9559-АЛ е управувано од полициски службеник вработен во Одделот за заштита на определени личности и објекти кој возилото го управувал со соодветен службен налог. Возилото во 13 часот и 35 минути го преминало граничниот премин Богородица и патувало на територија на Република Грција. Возилото е вратено во Република Македонија истиот ден, 2 август 2018 година, наведуваат од МВР“.




