Во Тетово по петти пат се одржува Џез фестивал Тетово, на кој покрај домашните, настапуваат и музичари од целиот свет, но поради пандемијата на коронавирусот – во скратена верзија.
„Условите за одржување на фестивалот оваа година се малку потешки, но ние ги спроведуваме сите препорачани мерки, а тоа значи бројот на публиката е ограничен, седиштата се на дистанца и присутните носат маска. И покрај ова, направивме големи напори да ја продолжиме традицијата“, изјави Лејла Халими, организаторката на фестивалот.
Петтиот Џез фестивал Тетово се одржува на отворено, на летната сцена на музичкото училиште „Тодор Скалоски-Тетоец“ и ќе трае до утре.
Вечерва, за првпат пред тетовската публика, настапува ‘Сетстет‘. На третата и последна вечер од фестивалот ќе настапи ‘Влашент Сата бенд‘, кој доаѓа од Албанија, а го предводи вокалот и гитарист Влашент Сата, кој живее во Париз.
Годинашново издание го отвори ‘Сашо Поповски трио‘, едно многу квалитетно македонско џез трио, кое го сочинуваат Сашо Поповски на гитара, Иван Бејков на бас гитара и Виктор Филиповски на тапани.
Извор: СакамДаКажам





