Џамбаски против македонските „црвени линии“

Бугарскиот европратеник Ангел Џабмаски упати остар коментар за Резолуцијата за утврдување на државните позиции на Македонија, ткн „црвени линии“ во контекст на блокадите на европските интеграции



Во писмо до европратениците, како и до шефот на германската дипломатија Хајко Маас, Џамбаски вели дека ако се почитуваат тие „црвени линии“ Заедничката македонско-бугарска комисија, формирана врз основа на Договорот за добрососедство во 2017, просто не може да функционира, пренесе МИА.

Тој обвинува дека Резолуцијата за „црвените линии“ ги прави застарени сите дискусии засновани на факти, документи и сигурни извори и посочува дека без оглед на доказите што се презентирани, македонската страна ќе каже дека едноставно нема да разговара за ова прашање.

„Оваа последна тактика очигледно ја потврдува нашата позиција, а тоа е дека современиот македонски идентитет се заснова на историска лага преку создавање државна митологија. Сакам да кажам дека не го одрекуваме државниот идентитет на Северна Македонија по 1944 година. Не негираме дека нивниот јазик е кодифицирана верзија на западнобугарските дијалекти, пак по 1944 година. Ние се спротивставуваме на секакви обиди да крадат делови од нашата историја, базирани на факти, признаени од меѓународни историчари“, тврди тој.