Џамбаски побара реакција од Радев за „намерната провокација“ од Милановиќ, кој застана зад Македонија

Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски им се обрати по писмен пат на претседателот Румен Радев и на министерот за надворешни работи Светлан Стоев, барајќи од нив да реагираат за „антибугарската позиција“ и „намерна провокација“ од претседателот на Хрватска, Зоран Милановиќ, кој отворено застана на македонска страна во спорот со Бугарија.



„Шефот на хрватската држава е револтиран од фактот дека овие штетни, според него, активности спрема РСМ доаѓаат од земја-членка на Европската унија. И јас сум револтиран од фактот дека друга земја-членка на истата Унија целосно неиспровоцирана напаѓа друга и зазема цврст став во спор во кој таа не е вмешана. Претседателот на Хрватска тврди крајно неодговорно дека Бугарија сака да ѝ наштети на Република Северна Македонија и да ја понижи. Уште еднаш морам да повторам дека не сакаме никому да диктираме ништо. Нашата долгогодишна битка е во учебниците што ги едуцираат новите генерации во РСМ конечно да има вистината“, вели во писмото заменик-претседателот на ВМРО-БНД на Красимир Каракачанов.

Повод за барањето од Џамбаски е изјавата на Милановиќ по самитот на лидерите на Западен Балкан во Брдо кај Крањ, кога бугарското уценување со македонската историја го оцени како „влегување во интимен простор“ и порача дека отворено ќе се спротивстави на тоа.