Европратеникот Ангел Џамбаски од Бугарија уште еднаш „се пресмета“ со македонизмот во денешната утринска програма на коерцијалната Бугарска телевизија (БТВ).
„Македонизмот е политичка теза. Тој е измислен од српскиот министер за надворешни работи Новаковиќ како антитеза на бугарското население во Македонија, бидејќи не можат да кажат дека тие луѓе се Срби. Тоа е еден од најголемите антинационални проекти во историјата“, изјави тој.
Заменик-претседателот на бугарската партија ВМРО на Красимир Каракачанов, министер за одбрана во Владата на Бојко Борисов, го повтори и ставот дека „од Охрид до Црно Море и од Дунав до Бело Море има еден народ поделен во различни држави“.
Според Џамбаски, има луѓе во западниот сосед на Бугарија што се изјаснуваат според македонската националност, но мнозинството ги чуваат своите бугарски корени. Тој вели дека роднините на Зоран Заев, на пример, раководат со Петрич, чиј градоначалник му е втор братучед на македонскиот премиер.
Името Македонија е помалку важно од нејзиниот влез во ЕУ и во НАТО и „границите да паднат“, смета националистот, додавајќи дека Бугарија уште со признавањето на Македонија под тоа име го заклучиле прашањето за името на земјата, а за Грција темата е важна „заради бугарското население на југ од Беласица“.





