Во пресрет на заседанието на Консултативниот совет за национална безбедност в понеделник, бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски најави дека ќе побара референдум ако биде сменет курсот на Бугарија во однос на членството на Македонија во Европската унија.



Од вонпарламентарната партија ВМРО објаснија дека повод за позицијата на нејзиниот заменик-претседател се редица изјави на претставници на владејачкото мнозинство за активирање економски, транспортни и други дејности за ефективно интегрирање на Македонија во европското семејство.

„Категоричен сум дека секакви обиди да се заобиколи Договорот за пријателство, добрососедство и соработка или наложениот мораториум, без соодветни дејства од политичарите во Скопје, ќе бидат пресретнати од бугарскиот народ со соодветни дејства“, порача Џамбаски.

Тој ги повика тие што веруваат дека Македонија не треба да биде примена во Унијата без да ги исполни поставените услови од Бугарија да се соберат в понеделник пред Претседателството.