Џамбаски до Петков: Македонија е Бугарија, втора бугарска држава на Балканот!

Најавите од новоизбраниот бугарски премиер Кирил Петков за нов пристап во односите со Македонија не му се допаднаа на европратеникот и потпретседател на вонпарламентарната партија ВМРО-БНД, Ангел Џамбаски, кој побрза да му објасни дека „Македонија е Бугарија, втора бугарска држава на Балканот“!



„Бугарија веќе неколку дена има новоизбран премиер. За жал, една од првите вести во западниот печат ни соопштува дека ставот на Владата за прашањето на Македонија почнува драматично да се менува.

Можеби ова е дел од надворешниот притисок или насловите биле некако изменети. Но, премиерот Петков должи итно објаснување бидејќи бугарскиот став на темата Македонија не може да се смени. Тој почива на основниот факт дека Македонија е Бугарија, втора бугарска држава на Балканот, како што ние од ВМРО постојано изјавуваме. Бугарската позиција не може да биде променета поради притисок од некои западни партнери или од некоја конјунктура, па дури и од финансиите од европските фондови. Ова не може и не треба да се случи.

Премиерот Петков должи итно објаснување. Во спротивно, ќе мислиме дека подлегнува на притисокот на антибугарските сили и оти игра според нотите на странски агентури и странски земји кои се обидуваат да ја нарушат бугарската позиција за Македонија.

Тоа е неприфатливо и недопустливо.

Бугарија е над сè, но Македонија е дел од Бугарија. Да живее Бугарија!

Македонија е Бугарија“, му порача Џамбаски на Петков.