Бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски продолжува со своите патерналистички и скандалозни изјави во кои инсистира на „блискоста“ со скопските „браќа“ и со преувеличување на позицијата на Бугарија на Балканот и во ЕУ која ќе го помогнела асоцирањето на Македонија во Унијата.
За последната посета на бугарскиот претседател Румен Радев на струмичко Ново Село, Џамбаски оценува дека „Радев го рече она што требаше да биде кажано…Македонија има потреба од нашата поддршка. Не треба да има граници помеѓу Охрид и Црното Море. Ние немаме никакви контроверзи со нашите браќа во Скопје. Македонија треба да биде дел од ЕУ и ние ќе помогнеме тоа да се случи“ вели Џамбаски во гостувањето на Bgonair.bg, во кое ѝ држи лекции и на Грција.
Tој вели дека Бугарија нема спор со името на Македонија, но дека најдобра опција за Бугарија е Македонија да го прифати името „Нова Македонија“.
За Грција Џамбаски вели дека е „земја која должи многу пари на ЕУ и злоупотребува. Грција треба да сфати дека итроштините што ги применува, не се релевантни за иднината на ЕУ“ .
Тој советува дека Република Македонија треба да избере со кого ќе разговара.
„Единствениот нејзин нормален соговорник е Република Бугарија. Грчките претензии треба да бидат минимизирани. Грција не може да биде регионален лидер на Балканот“, вели Џамбаски според кој Бугарија е таа што треба да биде балкански лидер кој знае што е потребно за да има мир во регионот.
„Ако Грција сака наша поддршка Кипар да не биде турски, треба да не поддржи за Македонија. Ние ги користиме овие инструменти и не постои варијанта прашањето со Македонија да не биде решено до крајот на нашето европредседателство“, вели бугарскиот европратеник.




