Само неколку дена по протестната нота од Министерството за надворешни работи во Скопје за неговиот говор на омраза кон Македонија, бугарскиот европратеник Ангел Џамбаски се јави и на македонскиот празник 23 Октомври во чест на основањето на Внатрешнат а македонска револуционерна организација (ВМРО).



„129 години ВМРО ги брани бугарштината и бугарскиот интерес во Македонија. Нема да се откажеме зошто Македонија секогаш била и ќе остане бугарска“, порача копретседателот на бугарската вонпарламентарна партија ВМРО-Бугарско национално движење пред споменикот на загинатите револуционери од Македонија, Тракија и Одринско во Софија.

„Не смееме да заборавиме дека и денес Скопје води жестока политика на антибугаризам. Само последниве месеци видовме мрачен јазик на омразата, палење клубови, навредување на сè што е бугарско. Тоа е истата политика што се спроведуваше пред 70 години со прогон на свештеници, учители и офицери кои одбија да се нарекуваат Македонци и го чуваа споменот на прадедовците. Затоа, не смееме да ја прекинеме борбата. ВМРО помина низ многу тешки периоди, низ подеми и падови, но идејата за обединета и неделива Бугарија од Охрид до Црно Море и од Дунав до Бело Море секогаш била поддржувана“, нагласи Џамбаски.

Другиот копретседател на партијата, Александар Сиди, се надоврза пред собраните членови и симпатизери.

„Соборци, денес се навршуваат 129 години од таа голема идеја која и денес чука во нашите срца. Таа кауза која 129 години се бори за бугарштината во Македонија. Битката на ВМРО со скопските македонисти, кои продолжуваат да ги исполнуваат наредбите на Србија и се обидуваат да ја обескрват бугарштината во Македонија, продолжува и денес“, додаде тој.