Претседателот на Собранието, Талат Џафери, реагира на текст објавен вчера на Expres.mk и демантира дека наводно имал советник за правно-политички прашања по име Ејуп Бериша.



Во текст на порталот „Алмакос“, преземен од Expres“ се наведува дека извесниот Ејуп Бериша е советник на Џафери и се цитираат негови согледувања дека „само со влегувањето на с.Македонија во Европската Унија се зачувуваат нејзината унитарност, територијалниот интегритет, суверенитетот, стабилноста и соживотот во нашата земја. ЕУ има искуство во решавањето на билатералните меѓудржавни спорови. ЕУ заедно со САД го ‘олеснија’ во 2001 година и постигнувањето на Охридскиот мировен договор, со кој заврши седумесечниот оружен судир меѓу силите на УЧК и полициско-воените сили на с.Македонија“.

Претседателот на Собранието вели дека разбира дека во прашање е преземен текст, но тврди дека ниту имал ниту пак има потреба од советник за правно политички прашања со оглед на неговото досегашно искуство во политиката во која бил и претеник иминистер за одбрана и собраниски спикер во два мандати.

Во продолжение демантот од Кабинетот на претседателот на Собранието, Талат Џафери:

„На 14 јули 2022 година на портал “Експрес.mk“ е објавен напис под наслов:Бериша, советникот на Џафери, ги „советува“ и Македонците дека „само во ЕУ се зачувува унитарноста на РМ“, потсетувајќи на 2001!

За коректно информирање на јавноста, ви укажуваме дека претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, ниту има советници, ниту пак, посоченото лице е советник за правно-политички прашања, како што сте навеле во написот објавен на вашиот портал.

Со цел коректно информирање на јавноста, очекуваме во најбрз рок да го објавите овој демант на исто или на соодветно место во содржината на медиумот и на ист или соодветен начин на тој на кој е објавена информацијата, согласно Законот за медиуми.

Со почит,

Кабинет на претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери