Џафери: Во моментов Собранието не може да избере уставни судии

Oд кабинетот на собранискиот претседател Талат Џафери, соопштија дека тој го добил писмото од претседателката на Уставниот Суд, Добрила Кацарска, за проблемите во работењето на Уставниот суд.



Велат дека Собранието, во согласност со своите уставни надлежности е информирано за истекот на мандатот на уставните судии, односно Собранието, по предлог на Комисијата за избори и именувања избира уставни судии од редот на истакнати правници во Република Северна Македонија.

„Имајќи предвид дека се опструира работата на Комисијата за избори и именувања (преку изигрување на процедура и примена на методи кои што Претседателот на Собранието ги има елаборирано пред јавноста), предлозите на членовите на Комисијата не може да добијат зелено светло за истите да бидат разгледани на пленарна седница на Собранието и во моментов Собранието не може да избере уставни судии и да овозможи непречено функционирање на Уставниот суд“, велат од Кабинетот на Џафери.

Кацарска денеска испрати писмо до претседателот Џафери во кое изразува загриженост за состојбата со намалениот број на судии и побара Џафери да го заложи својот авторитет и во Собранието да се изберат нови четворица уставни судии во најскоро време.