Талат Џафери ќе претседава и со новиот состав на Собранието на Македонија, откако за него гласаа 62 пратеници, сите од партиите што ќе ја формираат новата влада, а против беа 43 парламентарци.
„Благодарам на сите за довербата, и на оние кои не беа тука во Собранието за време на гласањето, како и на оние кои не беа во салата. Секако дека сме тука во следните четири години и се надевам дека ќе водиме конструктивни дебати за сите прашања. Ќе бидам во функција и служба на работењето и работата на законодавецот, како што е пропишано со Уставот и со Деловникот на Собранието“, изјави старо-новиот собраниски спикер.
Опозицијата и од македонскиот политички блок, и од тој на партиите на Албанците во Македонија, потоа ја напушти салата, бојкотирајќи ја свечената заклетва што ја даде Џафери.
Конститутивната седница заврши со изборот на Комисијата за избори и именувања, за чиј претседател е избран Костадин Костадинов, а заменик ќе му биде Мухамед Зекири, двајцата од СДСМ.





