„Претседателот на Собранието Талат Џафери порача дека е вистинско време сите политички партии, кои во своите програми се залагаат за евроинтеграција, да ја покажат оваа заложба и на дело. Според него, усвојувањето на уставните измени ќе овозможи отворање на преговарачките поглавја, а тоа ќе резултира со забрзано темпо на реформи.“ – објави ТВ Алсат.
ТВ Алсат пишува: „Натамошното одложување на пристапувањето би можело да го доведе во прашање угледот на Унијата како доверлив партнер и нејзината водечка геополитичка одлука. Тоа остава простор за појава на националистички и ретроградни процеси и охрабрување за трети страни да го зајакнат својот интерес во регионот.“ – рече Џафери.
Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ нагласува дека проширувањето е геостратегиско прашање. Тој информира дека скринингот-проверката е во завршна фаза и додаде оти се прават напори земјава да го отвори првиот преговарачко поглавје до крајот на декември годинава.
„Нема непремостливи пречки. Убеден сум дека Собранието и пратениците ќе бидат на нивото на задачата и ќе водат конструктивен дијалог, со кој брзо и ефикасно ќе ги исполнуваме обврските и ќе ги надминуваме сите предизвици, поврзани со тешки политички прашања, но и со конкретните политики од правосудството, борбата против корупцијата, владеењето на правото.“ – рече Маричиќ.
Претставници на Парламентарното Собрание на Советот на Европа од Скопје порачаа дека веќе постои нова динамика и големо внимание за процесот на проширување со земјите од Западен Балкан. Дел од нив изнесоа дека Брисел на проширувањето гледа како на геостратеиска инвестиција во мир, безбедност и напредок.
„Многу е важно земјите од регионот, од Западниот Балкан да ја сфатат важноста на оваа можност, што се создаде со новата динамика и новата политичка клима во Европа.“ – рече Золт Немет од Парламентарното собрание на Советот на Европа.
Ставовите беа изнесени на Конференцијата на меѓупарламентарниот дијалог за промовирање на европската интеграција на Западниот Балкан, во заедничка организација на Собранието и Парламентарното собрание на Советот на Европа.





