Џафери се сретна со Агелер – тема бил и законот за рестриктивни мерки

Американската амбасадорка во земјава Анџела Агелер денеска во владините простории се сретнала со премиерот во техничката влада Талат Џафери. На средбата, како што соопшти владината прес-служба, Агелер ја истакнала важноста на улогата на Џафери во демократскиот развој на земјава најпрво како прв претседател на Собранието, а потоа и како прв премиер етнички Албанец во историјата на земјата.



Изборот на Џафери на чело на Владата, посочила Агелер, испраќа силна порака дека, како и во САД така и во С Македонија, диверзитетот и почитувањето на неговото богато културно наследство ја прават земјата уште посилна.

За време на средбата, Агелер ја истакнала поддршката на САД за патот на земјава кон Европската Унија и изразила подготвеност за натамошна блиска соработка со Владата на тој пат. Џафери, пак, ја истакнал посветеноста на Владата кон стратешкото партнерство на земјава со Соединетите Американски Држави и нагласил дека и на неговата нова функција ќе продолжи да биде силен промотор на таа соработка.

Агелер и Џафери, меѓу другото, разговарале и за претстојните избори, нагласувајќи дека е потребо вложување севкупни напори за реализација на фер и демократски изборен процес.

На средбата, меѓу другото, Џафери ја информирал американската амбасадорка за предлог-законот за рестриктивни мерки кој беше повлечен од собраниска процедура поради административни причини. За законските измени, како што кажал, се прават дополнителни и сеопфатни консултации, по што е предвидено повторно разгледување на законските измени на следната владина седница.