Би свикал лидерска средба за договор за термин за претседателски и парламентарни избори, но само доколку претседателите на политичките партии би се согласиле на тоа – изјави за МИА претседателот на Собранието Талат Џафери, предупредувајќи дека ако има разговори, тие би требало да завршат најдоцна до крајот на година, зашто после тоа почнуваат да течат роковите предвидени со закон и Устав за редовните избори.
– Прво и основно, не е прашањето дали претседателот на Собранието би повикал или не лидерска средба. Мислам дека посоодветно е да се постави прашањето до лидерите на политичките партии дали би се одѕвале на евентуална покана и од тоа после зависи цела понатамошна постапка. Посоодветно би било прво информација да се има од волјата на лидерите да дојдат во Собрание. Од мој аспект нема никаков проблем таа волја да ја удоволам – вели Џафери.
На прашањето дали сепак би свикал средба доколку мнозинството лидери на партии бараат од него, и покрај тоа што премиерот и лидер на СДСМ се изјасни дека нема потреба од такво нешто, претседателот на Собранието вели која би била смислата на една таква средба, ако нема волја од сите.






