Претседателот на Собранието Талат Џафери се очекува денеска да ја разгледа иницијативата на ВМРО-ДПМНЕ за одржување референдум за поништување на Договорот со Бугарија.



Доколку таа добие „зелено“ светло, тогаш тој треба да ја проследи до Законодавно-правната комисија и матичната комисија, а тие треба да се изјаснат за нејзината уредност во рок од два работни дена, согласно член 191 став 2 од Деловникот на Собранието.

Согласно член 192 став 2, ако претседателот на Собранието утврди дека иницијативата е неуредна, прашањето во врска со иницијативата се става на дневен ред на првата наредна седница.

Во јавноста веќе се појавија информации дека можеби Џафери нема да ја прифати иницијативата, и обвинувања од опозицијата дека зад тоа ќе стојат владејачките партии.

Во медиумите беше објавена фотографија од документот на иницијативата доставен до Собранието, на која се гледа дека таа се доставува до претседателот на Собранието Талат Џафери, без да се наведе „на Република Северна Македонија“.

Лидерот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера одговарајќи на прашање во врска со процедурата за поднесување на иницијативата во Собранието, рече дека доколку сметаат дека е пречка, ќе ја корегираат.

„Тие можат да наоѓаат изговори колку сакаат и да ја одложуваат работата. Нас ни е важна суштината, а не формалноста. И ако е тоа пречка ќе ја корегираме таа пречка и ќе ја доставиме онака како што тие ценат дека треба да се достави, само да имаме успешна процедура, демократски да дозволиме граѓаните да се изјаснат за политиките на Владата поврзани со Договорот со Република Бугарија, нагласи Мицкоски.

Мицкоски во вчерашната изјава рече оти верува во успешноста на референдумот, но нагласи дека без разлика на резултатот, дури и да не успее, партијата нема да поддржи промена на Уставот под овие околности.