Лидерот на Левица, Димитар Апасиев го повика парламентарниот спикер Талат Џафери да се врати во салата и да продолжи да ја води седницата.
Џафери ја напушти собраниската сала со образложение дека не ја поддржува иницијативата што ја поднесоа опозициските партии, засилени со Беса, и дека нема да остане во салата и да биде 61 пратеник, со што би имало кворум за гласање за донесување на дневниот ред. Тој го повика потпретседателот, Фадил Зендели од Беса, да продолжи да ја води седницата на чиј дневен ред е прашањето за доверба на Владата.
Но, Апасиев се повика на членовите 60 и 61 од Деловникот на Собранието, посочувајќи дека претседателот ги свикува седниците и претседава со нив, додека потпретседателите може да го заменат во случај на спреченост или отсуство на спикерот од Собранието, што сега не е случај бидејќи Џафери се наоѓа во зградата на Собранието.
„…доколку ги прочитате член 60 и член 61 од Деловникот, тогаш ќе забележите дека претседателот на Собранието може да им ја предаде одговорноста на потпретседателите само доколку тој лично е спречен или е оправдано отсутен. Но, ние видовме дека Талат Џафери денеска ниту е спречен, ниту е отсутен. Тој сè уште е присутен во собраниската зграда. Поради тоа, бараме пауза од еден час, а во тоа време очекуваме претседателот на Собранието повторно да влезе во собраниската сала и да ја води седницата за изгласување недоверба на владата“, побара Апасиев.







