„Партијата, создадена по војната со сите тие команданти, наскоро ќе го пензионира Али Ахмети, а ќе го избере Артан Груби, бидејќи сомнителни структури сакаат на чело на ДУИ да имаат претседател, кого ќе може да го контролираат и тој да биде предвидлив во своите постапки.“ – вели граѓанскиот активист од Тетово Аријанит Џафери во својата објава, која ја пренесе информативната агенција на албански јазик ИНА.
Џафери пишува: „Наметнување од надвор да се избере претседател, за кого не гласа никој од неговата партија. Всушност, Артан Груби отсега ги прославува со концерти пензионирањето на Али Ахмети и целото воено крило на ДУИ, како и преземањето на партијата под своја контрола!!“
Инаку, завчера во својот редакциски коментар со наслов „Артан Груби е 10 години во ДУИ, а сега ја организира 20-годишнината од нејзиното основање“ и информативната агенција на албански јазик „Журнал“, блиска до влијателната „Огнена група’ на незадоволници внатре во ДУИ, напиша: „Артан Груби се стреми да стане претседател на ДУИ по политичкото пензионирање на Али Ахмети, но се уште не се знае кој ќе биде наследникот на Ахмети. Или ‘Огнената група“ на незадоволниците во ДУИ, предводена од нејзиниот актуелен претседател Изет Меџити, која е во судир со Груби, самата ќе ‘изгори’ внатре во партијата, или таа ќе го ‘изгори’ некого…’
„Журнал“ го напиша и следново во тој свој коментар: „Во моментот кога лидерот на ДУИ беше повикан во Специјалниот суд во Хаг како сведок, кружеа ‘вести со пораки’ дека наследникот на Али Ахмети ќе биде Артан Груби. Во однос на овие гласови Груби реплицираше во оваа форма: ‘Што се однесува до повлекувањето, Али Ахмети е незаменлив за ДУИ и Албанците, не само во с.Македонија, туку и во регионот. Тој е клучен придонесувач кон стабилноста, безбедноста и евроатлантската ориентација на регионот.“
„Од ова се подразбира дека тој ја има лидерската позиција во ДУИ како своја главна стремеж, еден ден да стане претседател на партијата. Ова наликува на едно 10-годишно дете кога од таа возраст сака да стане ‘газда во куќата’.“ – заклучи „Журнал“ во својот коментар посветен на најновите „вриежи“ во односите внатре во ДУИ меѓу „Огнената група“ на потпретседателот Изет Меџити и Артан Груби и неговите приврзаници во борбата за внатрешно-партиско позиционирање и за преземање на лидерскиот трон во оваа партија, откако Али Ахмети ќе замине во „политичка пензија“.





