Италијанската голманска легенда Валтер Ѕенга ги предупредува сонародниците дека против Македонија вечерва од 20:45 часот во Палермо нема да биде толку лесно како што можеби им изгледа пред полуфиналето од баражот за Светското фудбалско првенство во Катар.
„Македонците имаат млад тим, кој се обидува да постигне нешто историско. Нивните репрезентативци играат во добри лиги, имаат квалитет и чувство за припадност. Ќе дадат повеќе од сто проценти од себе и не смеат да се потценат“, изјави 61-годишниот некогашен чувар на мрежата на Интер во подолго интервју за италијанскиот весник „Кориере дело спорт“.
Според него, играњето на домашен терен, како вечерва на распродадениот стадион „Ренцо Барбера“, не е секогаш предност.
„Сè може да се случи. Само победата се ‘брои’ вечерва. Играњето дома не е секогаш решевачко. Португалија го загуби финалето на Европското првенство како домаќин, а потоа триумфира во Франција. Италија го освои ЕП минатото лето во Англија. Во фудбалот сè може да се случи во 90 минути“, објасни голманот со 58 настапи за „аѕурите“, според кој, ако во нешто има предност Италија, тоа е неиграњето на Елиф Елмас поради парни жолти картони.






