Ѕанакопулос: Само промена на уставното име – нема друг начин

Промена на уставното име е една од правните обврски за да се постигне договор, вели портпаролот на грчката влада и министер без ресор Димитрис Ѕанакопулос.



Во интервју за грчката ТВ Алфа Ѕанакопулос вели дека „не постои никакво меѓународно прашање што може да се реши без меѓународен договор“, што содржи конкретни обврски за двете страни.

-Што правиш кога треба да решиш еден билатерален проблем? Се договараш за еден правно обврзувачки текст што ги опишува обврските на двете страни. Односно, грчката страна ќе го признае соседот под името што ќе биде договорено, а соседот ќе се согласи. За грчката страна да го признае ова име и да преземе конкретни обврски една од нив ќе треба да е, како што многупати имаме јасно кажано, е промена на уставното име. Поранешната југословенска Република Македонија ќе ја преземе правната обврска да го промени уставното име, доколку сакаме да стигнеме до решение, рече Ѕанакопулос.

Во однос на тоа дали Атина бара промена Уставот само поради името или, пак, смета дека треба да се направат измени и на одредени членови, Ѕанакопулос објаснува дека постојат различни правни толкувања и тоа е дискусија што се води на политичко и правно ниво.