Владеачката Српска напредна странка (СНС) на претседателот на Србија, Александар Вучиќ, има 62,6 проценти од гласовите по преброени 93,6 отсто на парламентарните избори.
„Во политиката сум долго, но никогаш не сум доживеал ваков момент. Добивме огромна доверба од српскиот народ, најголема некогаш во Србија, во услови кога малку кој веруваше во тоа“, изјави Вучиќ по изборите на кои излегоа 50,1 процент од запишаните во избирачкиот список.
Според досега обработените податоци, СНС треба да добие 189 пратенички места во Народното собрание. Втора е коалицијата СПС-ЈС со 32 пратеника, а изборниот праг го помина уште СПАС на Александар Шапиќ, која би добила 12 места.
Од партиите на националните малцинства во Парламентот девет места треба да добие Сојузот на војвоѓанските Унгарци (СВМ), по три листата на Муарем Зукорлиќ и Албанска демократска алтернатива – Обединета долина, а две СДА Санџак.
Изборите ги бојкотираше дел од опозицијата собрана околу коалицијата Сојуз за Србија.





