Како и со Шведска, Египет и Словенија, Македонија беше лесен плен и за Русија, од која исто така загуби со двоцифрена разлика (32:20) во второто коло од главната фаза на 27. Светско првенство за ракометари во Египет.
Маките за избраниците на селекторот Данило Брестовац на овој мундијал, на кој влетаа во последен момент како замена за Чешка, ќе завршат в недела против Белорусија.
Кога ќе се постигне првиот гол во 6. минута, вториот осум минути подоцна и на полувреме ќе се замине со негатива од 19:9, нема што да се бара ни против послаб противник од Русите.
Филип Кузмановски со 6 гола и Мартин Серафимов со 4 се издвоија во нападот, во кој куриозитет е што капитенот Кирил Лазаров не се запиша во листата на стрелците, а Никола Митревски забележа 8 одбрани.





