„Движењето Илирида“ повторно се огласи во јавноста со пораката дека „ќе се бори за федерализирање на Македонија“ и за остварување на „апсолутното право на Албанците да бидат државотворен и суверен народ во с.Македонија“. Ова го објави информативната агенција на албански јазик ИНА, пренесувајќи соопштение на „Движењето Илирида“ во својата информација со наслов „Движењето Илирида’ ги објави барањата за унапредување на албанската кауза“.
Најавувајќи дека „ќе има национална програма, која ќе произлезе како потреба по досегашните неуспеси на албанските партии“ и оти ќе биде регистрирано, „Движењето Илирида“ ги наведува „програмските точки“ на таа програма:
„1. Федерализирање – апсолутно право да бидеме како Албанци државотворен и суверен народ во с.Македонија.“
„2. Албанскиот јазик да биде официјален јазик на сите рамништа и на целата територија на с.Македонија, со целосно право за употреба и во меѓународните комуникации.“
„3. Знамето, химната и грбот и другите државни симболи и ознаки, кои се користат во с.Македонија да бидат на два јазика и да ги содржат симболите и историските вредности и на нашиот албански народ.“
„4. Буџетот на државата да се распределува на линеарен начин.“
Движењето Илирида во своето соопштение изнесува и став дека „с.Македонија како држава треба да се состои од два столба на државотворноста, кои заеднички ќе бидат носител на државниот суверенитет“ и им „поддава рака на соработка на сите албански партии од позицијата и од опозицијата и на секој неодреден поединец, кој е патриот“.
„Старата идеја со нови заложби за создавање ‘Република Илирида’, како политичко-територијална автономија на Албанците во Македонија, повторно испливаа на јавната сцена. Аналитичарите уште од порано имаат оценето дека и идејата и промоторите на Илирида се прагазени од времето.“ – објави германскиот државен медиум Дојче веле уште на 31.мај минатата година во коментарот со наслов „Нови пробни, или издишани балони за „Илирида?“, откако и тогаш беше најавувана ваква „национална програма“ со барање за „федерализација на Македонија“.





