Во Северна Митровица синоќа одекнала рачна бомба и две лица се повредени. Медиумите јавуваат дека едно од повредените лица е во тешка здравствена состојба и се наоѓа на лекување во болница во Северна Митровица,но и покрај тешката состојба повредниот е надвор од животна опасност.
Заменик- директорот на полицијата за северниот дел на Косово, Ветон Елшани за регионалниот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ) ги потврди овие информации.
Другото лице, како што се наведува, е полесно повредено.
„Немаме причина да веруваме дека овој случај е поврзан со етнички прашања“,рекол заменик-директорот на полицијата за северот на Косово.
Полицијата соопштила дека инцидентот се случил синоќа во 23:50 часот, кога три лица од српска националност, од кои двајца се повредени, излегле од ресторан кај хотелот „Бишевац“ на улицата „Кнез Милош“ во Северна Митровица. Во тој момент им се приближил автомобил од кој била фрлена рачната граната.
Во експлозијата, според полицијата, биле оштетени и седум автомобили кои биле во близина. Безбедносните органи на Косово велат дека работат на расчистување на случајот.
Експлозијата, како што пренесува Н1, ги вознемирила жителите на Северна Митровица, а дел од улица „Кнез Милош“ била затворена за сообраќај.
Според телевизијата, на местото пристигнале и припадници на ЕУЛЕКС и на КФОР, а истрагата за инцидентот е во тек.
Во Северна Митровица, општина со мнозинско српско населени и претходно имаше инциденти со експлозивни направи.





