Двајца загинати, 16 повредени при експлозија во фабрика кај Белград

Најмалку две лица загинаа во експлозија во фабрика за ракети во околината на Белград, а 16 се повредени. Српските медиуми објавија дека инцидентот се случил во фабриката „Едепро“ во населбата Лештане, која произведува делови, турбомотори и гориво за ракети против град.



„Екипите на брза помош се на терен и ќе останат уште долго, бидејќи од кругот на фабриката и натаму се слушаат експлозии, поради што не е можен пристап“, соопштија од српското министерство на внатрешни работи.

РТС објави дека во моментот на несреќата во фабриката имало околу 40 вработени и дека неколкумина се водат како исчезнати. Снимките објавени на Твитер покажуваат и автомобили што горат.

Засега нема информации што ја предизвикало експлозијата, која, според локалните жители, била многу силна.