Двајца македонски државјани се заглавени во Газа

МАКЕДОНСКИТЕ СОПРУЖНИЦИ ЗАГЛАВЕНИ ВО ГАЗА НЕ СЕ ТУРИСТИ ИЛИ РАБОТНИЦИ, ТУКУ СО ГОДИНИ ЖИВЕЕЛЕ ТАМУ

Двајца македонски државјани се заглавени среде најжестокиот оган на војната и за нив ситуацијата засега е најсложена. Останатите најдоцна до утре треба да го напуштат Израел. Министерот за надворешни работи, Османи, откри дека единствениот излез за нашите државјани во Газа е затворен. Во тек е сложена операција преку дипломатско-конзуларна мрежа, за да се најде начин како да се извлечат и пренесат на безбедно, а потоа да се вратат во Македонија. Двајцата државјани се сопружници од мешан брак и долгогодишни жители на Газа, вели министерот Османи за Телма, а не туристи или работници таму. Тие сега го бараат спасот преку нашата амбасада.



Министерот за надворешни работи на денешниот брифинг со медиумите елаборираше за евакуацијата на македонските државјани кои во моментот на почетокот на огнот се најдоа затекнати во ризичните подрачја. Досега се контактирани 150 наши државјани во Израел. Од нив, 60 се веќе вратени во Македонија, а останатите се очекува утре во текот на денот да пристигнат назад. Владата ја презема организацијата за евакуацијата.

Претходно и премиерот Ковачевски информираше дека во Израел покрај туристи има и студенти и работници. Од МНР информираат дека има и наши државјани коишто живеат во Израел и не сакаат да си заминат, а се мажени и женети за израелски државјани.