На 8 август во 2001 година, на патот Скопје–Тетово во близина на селото Групчин кај месноста Карпалак, од заседа беше нападнат конвој на АРМ, при што беа убиени десет припадници на Армијата.
Нане Наумоски (48), резервен капетан, Сашо Китановски (40), резервен поручник, Горан Миновски (29), воен обврзник, Ердоган Шабановски (21), воен обврзник, Љубе Грујоски (32), воен обврзник, Бранко Секулоски (43), воен обврзник, Дарко Велјановски (27), воен обврзник, Пеце Секуловски (31), воен обврзник, Веби Рушитовски (26), воен обврзник и Мирко Деспотовски (27), воен обврзник, сите од Прилеп и Прилепско.
Делегација предводена од началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски и државниот секретар во Mинистерството за одбрана Драган Николиќ, во 09:00 часот ќе положи цвеќе пред спомен-плочата кај месноста Карпалак. Во 13:00 часот, заедничка делегација од Министерството за одбрана и Армијата ќе положи венец пред комплексот „Карпалак” во центарот на Прилеп, информираа од МО и АРСМ.







