„Проблем се сметки за струја стари над 15 години, кои жителите ги немаат платено“, вели градоначалникот на Липково, Еркан Арифи, кадар на ДУИ, за Дојче веле.
Граѓаните велат дека нема судска постапка за овие долгови, но на фактурите им се водат како основен долг. Тие бараат овие долгови да им се избришат, вели Арифи.
Ова е поричината што по најави дека ќе се реконструира и модернизира мрежата, тие го блокираа пристапот до селото на екипите на ЕВН.
Арифи вели дека претставници на селото деновиве ќе седнат на заедничка маса со надлежните од ХЕЦ Куманово со цел да се изнајде прифатливо решение на двете страни.
Селото Слупчане е „последниот бастион“ во Липковскиот регион, каде со години наназад не се плаќа редовно струја, но се смета дека се големи и кражбите на електрична енергија, пишува Дојче веле.
Инсталирањето на нова мрежа и опрема би можела да стави крај на оваа појава, која годишно предизвикува дупка од милиони евра. Само за Слупчане проценките се дека се краде 80 отсто од годишно потрошената струја.
Ова значи дека се наплаќа само 20 отсто од потрошените количини.






