Корисниците на парно греење на компанијата БЕГ (Балкан Енерџи Груп) од 1 јануари можат да останат со студени грејни тела затоа што не е набавена потребната количина гас за следната година. Како што во моментот стојат работите, на помалку од 48 часа до истекот на годината, природен гас за потребите на корисниците во Скопје, не е набавен, пишува „Дојче веле“.
Очекувањата биле дека „Макпетрол“ ќе ги набави потребните количини гас за следната година во договор со рускиот „Гаспром“, откако од БЕГ се пожалија дека немаат пари за набавка.
Макпетрол во средата се пофали дека бил постигнат договор со рускиот енергетски гигант, и тоа по 30% пониска цена од берзанската, но притоа соопшти дека договорената квота не го опфаќа и БЕГ.
Според последните информации, Макпетрол денеска повторно се вклучил во преговори со Гаспром за да се обезбедат дополнителни количини за потребите на БЕГ.
Според информации на Дојче веле, од Гаспром, за следната 2022 година, требало да се обезбедат околу 400 милиони кубни метри гас, колку што се потребите на индустриските капацитети и домашните потрошувачи во Северна Македонија. Руската компанија, наводно, одобрила само 100 милиони кубни метри гас.
(…)
Македонија е целосно зависна од рускиот кој доаѓа од Бугарија преку таканаречениот Трансбалкански гасовод.
Компаниите ТЕ-ТО и БЕГ се во сопственост на руски бизнисмен преку фирми регистрирани на Кипар и Британските Девствени Острови. Во јуни 2019 година, Финансиската полиција отвори истрага за пријавување лажен стечај во ТЕ-ТО АД, како и за перење пари. Компанијата ги демантираше наводите на Финансиската полиција, а неколку месеци подоцна успеа да добие и државна помош од владата. Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во декември 2019 година соопшти дека нема докази за перење пари и ја отфрли кривичната пријава во тој дел, за речиси една година подоцна да се отфрли и пријавата на Финансиската полиција за лажен стечај.






