ДВ: Меркел обвинета дека е против преговори за Македонија

Германскиот парламент денеска расправаше, и го поддржа членството на Македонија во НАТО, но пратениците влегоа во отворен конфликт поради оддолжувањето на расправата за преговорите со ЕУ, јавува државниот германски сервис Дојче Веле на македонски јазик.



Сервисот пишува дека иако денешната тема пред пратениците беше ратификацијата на Протоколот за членство во НАТО, дебатата се изместила во правец на ЕУ.

Атмосферата според Дојче Веле ја разгорел пратеникот на опозициските Зелени, Јирген Тритин, кој оцени дека околу почетокот на преговорите на Скопје со Брисел има судир и во самата влада каде првиот човек е против преговори за Македонија.

„Канцеларката е против, а Министерството за надворешни работи се залага да започнат преговорите. Коалицијата не може да постигне согласност по ова прашање“, рече Тритин чија партија не е дел од Коалициската влада во Германија која ја сочинуваат партијата на Ангела Меркел- ЦДУ и социјалдемократите (СПД) од чии редови е и министерот за надворешни работи Хајко Мас.

„Желбата на граѓаните на Македонија не беше само да се биде дел од НАТО, туку и дел од обединета Европа“, рече пратеникот на Зелените, пренесува германскиор јавен сервис.

Тритин оцени дека грчкиот премиер Алексис Ципрас ја жртвувал својата политичка кариера за да се постигне Преспанскиот договор, и дека поради него ќе ја загуби власта на следните избори.

„Мојот сомнеж е дека Канцлерамтот (канцеларијата на Меркел) и ЦДУ сакаат да ја одложуваат дебатата на оваа тема сѐ додека Нова Демократија не дојде на власт во Грција за да ја блокира Северна Македонија во ЕУ“, изјавил Тритин, потсетувајќи дека Европската комисија донела јасна препорака за почеток на преговорите.

Критикувајќи ја таквата политика, Тритин прашал дали некој сака Македонија да влезе само во НАТО, но не и во ЕУ, и дали нејзините граѓани треба да се третираат како „Европејци од втора класа“.

Пратеникот на Зелените од говорницата потсетил и дека германското Министерство за надворешни работи уште на 8 мај годинава го информирало Бундестагот дека треба да се изјасни за почетокот на преговорите со Македонија и поставил прашање:

„Ако е така, каква причина имаат владата и коалицијата да не го ставаат ова прашање пред Бундестагот?

Досега веќе ќе расправавме за тоа и ќе имавме согласност пред Советот на ЕУ“, рекол Тритин.

Двајца пратеници на ЦДУ, Кристијан Шмит и Петер Бејер реплицирале на забелешките на Тритин.

Шмит оценил дека ставовите на Тритин немаат „врска со реалноста“, дополнувајќи дека „членството на Македонија во НАТО е готова работа без оглед кој е на власт во Грција“.

Тој ја пофали улогата на Македонија на Балканот, нарекувајќи ја „упориште на мирот“, која секогаш помагала во најтешките моменти.

Според Шмит, стратешки интерес на Германија е земјите од Западниот Балкан да станат дел од ЕУ и најави дека за почетокот на преговорите со ЕУ ќе се разговара „наскоро“. Шмит во излагањето рече дека Македонија и Албанија треба во пакет да ги започнат преговорите, но потенцираше дека Албанија во моментов се соочува со „одредени проблеми“, поради што е потребно подолго време да се простудира извештајот на ЕК.

Колегата на Шмит од ЦДУ, Петер Бејер ги поздравил договорите со Грција и Бугарија, но критикуваше дека во земјата се потребни дополнителни напори во делот на борбата против организираниот криминал, корупцијата, правосудството и јавната администрација.

„Во реформата на безбедносниот апарат- во тој дел долго немаше никакво придвижување, а дури неодамна беше постигнат напредок“, рекол Бејер, кој ја поздравил и конструктивната улога на сестринската партија- опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Пратениците од ЦДУ- партијата на канцеларката Ангела Меркел, минатата недела веќе најавија дека до почетокот на летните одмори на крајот на јуни, нема да има време да се разгледа и да се гласа за Извештајот на Европската комисија за Македонија. Поради тоа, отпаѓа и можноста земјата да го добие посакуваниот датум за почеток на преговори со ЕУ летово.

Двајца пратеници на ЦДУ, Гунтер Крихбаум и Јохан Вадефул, минатата недела се изјаснија дека за почетокот на пристапните преговори со Северна Македонија и Албанија ќе се дискутира дури на крајот на септември.

„Ваква проверка не може да се случува набрзина. Тоа не би можело да се оправда пред германските граѓани, ниту пак би било соодветно за посочените земји“, рече Вадефул минатата недела.

Социјалдемократот Карл-Хајнц Брунер го пофалил компромисот со Грција кој, како што рече, „не треба само да се признае, туку и постојано да се фали“, и посочи дека со влезот во НАТО на „Македонија не треба да ѝ се тргне морковот и за почеток на преговорите со ЕУ“.

„Оваа земја е во срцето на Европа и ги исполни сите услови за почеток на преговорите“, рекол Брунер.

На ратификацијата на членството на Северна Македонија во НАТО се спротивставиле популистичката Алтернатива за Германија (АфД) и Левицата.

Петр Бистрон од АфД ѝ честитал на земјата поради затворањето на Балканската рута за бегалците во 2016 година, но рекол дека неговата партија ќе гласа против членството во НАТО затоа што има „голем проблем со корупцијата“, а „Балканот е само предградие на Европа“.

Александер Ној од Левицата се спротивставил на проширувањето на НАТО и ја критикуваше „прозападната влада во Македонија дека погрешно го интерпретирала референдумот за промена на името“. Ној цело време во излагањето го користел терминот „Македонија“ поради што влегол во судир со еден пратеник со грчко потекло во Бундестагот.

Извор: Дојче Веле

https://amp.dw.com/mk/кавга-во-бундестагот-околу-еу-интеграцијата-на-северна-македонија/a-49083580?__twitter_impression=true