Додека форензичарите и обвинителите ги истражуваат причините за трагедијата во Тетово која однесе многу човечки животи, се отвораат прашања и за многу нешта кои се случуваа во болницата во последниот период, пишува Дојче Веле во својата анализа на состојбите во изгорениот ковид центар во Тетово каде во пожарот загинаа најмалку 10 луѓе.
“Наводни грешки при изградбата на модуларната болница и оштетување на системот за централен довод на кислород. Од 15 април годинава, кога беше пуштена во употреба, до катастрофалниот пожар на 8 септември, кој однесе човечки животи, ковид-центарот во тетовската болница на двапати се најде во фокусот на јавноста.
Најпрво, на денот на отворањето на модуларната болница, економскиот директор на Клиничката болница Тетово, Артан Етеми информираше дека се утврдени грешки при изградбата. Тој тогаш побара од фирмата изведувач да ги отстрани пропустите, иако претходниот ден имало примопредавање на објектот од страна на фирмата изведувач, Министерството за здравство и Клиничката болница.
Грешките биле мали и требало да се санираат во рок од пет дена.
„Забелешките се однесуваат на подот и уште неколку мали инфраструктурни грешки. Даден е рок за пет дена да се санираат грешките при изградба на модуларната болница. Струја и вода има. За системот за кислород сме во контакт со фирмата од каде ни рекоа дека за два-три дена може да се постави. Ако не излезат други проблеми, наредна недела се надеваме дека ќе се пушти во употреба“, изјави Етеми пред неполни пет месеци, пренесува Дојче Веле на македонски јазик.
Германскиот јавен медиум потсетува дека следниот инцидент се случил на 23 август, а бил пријавен од вработените во тетовската болница кои увиделе дека има оштетување на системот за централен довод на кислород низ објектите.
„Изгледа имавме среќа сите 125 пациенти што ги имавме ги спасивме, бидејќи да имаше оштетување на главната цевка тоа ќе беше катастрофа и не би сакал да предвидам што би можело да се случи и што би можеле ние да направиме во тие моменти“, изјавил тогаш д-р Гзим Нуредини, координатор во Ковид центарот на Клиничката болница.
По трагедијата во болницата на 8 септември, сѐ уште е рано да се каже дали проблемите утврдени при отворањето на болницата или инцидентот со уништените цевки на кој било начин придонесле за катастрофалниот пожар.
Тендерот за изградба на 17 модуларни болници во земјава, меѓу нив и тетовската, минатата година ги доби велешката фирма „Брако“ заедно со валандовската „Ари и Том“. Преку заем од Светската банка, државата за таа намена им исплати 3,6 милиони евра, пишува ДВ.





