Во Ќустендил пораснала тарифата за бугарска адреса за баратели на бугарско државјанство од Македонија и сега таа е до 100 евра, дознава Дојче веле.
Според БНР на која се повикува Дојче веле, пред 10 до 15 години му се плаќале по 50 лева на сопственикот на имотот кој ја давал својата адреса за регистрација при барање за бугарско државјанство.
„Тогаш на една адреса имаше регистрирани над 500 луѓе. Сега тарифата скокнала до 100 евра заради малата понуда на адреси – едноставно капацитетот на градот се исцрпил. Со двојно државјанство, регистрирани во Општината се околу 15.000 лица.
Петстотини лица на една адреса во Ќустендил или околината, не е податок кој ја изненадува бугарската јавност.
Рекордот го држи реонот „Средец“ во Софија. Избирачкиот список во 2021 година покажа дека најголемиот број запишани гласачи Македонци со бугарски државјанство биле заведени на една иста адреса – улицата „Леге“ бр. 6.
Во 2021 година градоначалникот на „Средец“, Трајчо Трајков, тпреброил дека на улицата „Леге“ број 6 со службена адреса се водат околу 23.500 Македонци со бугарски пасош.
Три години претходно, во декември 2018 година, Катја Матева, поранешна директорка на одделението задолжено за издавање на државјанства во бугарското Министерство за правосудство, во интервју за „ЕУобсервер“ изјави дека „електричен столб (бандера) е пријавен како ‘дом‘ на илајдници Македонци со бугарско државјанство“.
Таа обвини дека тоа е дел од измамата организирана и измислена за продажба на сертификати за бугарски државјанства. Матева работела во Министерството до 2016 година, а била отпуштена бидејќи одбила да учествува во измамата.
„Илјадници луѓе се регистрирани на електричен столб“, изјави таа, истакнувајќи дека станува збор за село во близина на Благоевград.







