Дурловски до Шекеринска: Ако морам да се сликам, ќе си одберам знамиња и луѓе од кои не се срамам

Носителот на листа на ВМРО-ДПМНЕ во петтата изборна единица, оперскиот пејач Игор Дурловски, одговори на прозивката од конкурентката од СДСМ, Радмила Шекеринска, за неприсуството на дебатата на ТВ 21.



„Денеска снимавме дебата за ТВ 21 со сите носители во изборната единица 5. Дурловски, кој претендира да ми биде опонент, не се појави. Бегањето од дебати останува одлика на ВМРО-ДПМНЕ и нивните кандидати. Престани да се криеш, за граѓаните да проценат кој го заслужува нивниот глас“, објави вицепремиерката и министерка за одбрана на Твитер.

„Се навредила госпоѓата што не сме се виделе на дебата. Да разговараме за што? За пар чизми, гуми и подарени униформи? Ако морам да се сликам, барем ќе си одберам знамиња и луѓе од кои не се срамам“, ѝ реплицира на истата социјална мрежа еден од водачите на граѓанската иницијатива „За заедничка Македонија“.