Дуковска: Зголемената инфлација ќе ги растегне семејните буџети до неможност да одговорат на секојдневните потреби

Расте инфлацијата во Македонија, а со тоа се очекува да порасне и бројот на сиромашни граѓани.



Билјана Дуковска од Македонската платформа против сиромаштија, објаснува дека граѓаните веќе се пресметуваат што да скратат од трошоците, за да го поминат месецот. Трошоците за живот забрзано растат. Сведоци бевме дека цените на повеќе намирници неодамна скокнаа. Како и секогаш, најпогодени ќе бидат оние кои и досега живееја со ниски примања.

„Зголемената инфлација ќе ги растегне семејните буџети до неможност да одговорат на секојдневните потреби. Веќе се прават пресметки за што се има пари, а за што не, и се прават компромиси поврзани со квалитот на исхраната и домувањето. Очекувано е дека дел од граѓаните кои во изминатиот период беа во ризик од сиромаштија ќе паднат под прагот и да, очекувано е да се зголеми бројот на сиромашни. За жал граѓаните кои и сега живеат под таа линија ќе се најдат во уште понеповолна ситуација, без минимум услови за достоинствен живот“, рече Дуковска.

Граѓаните се загрижени за економската состојба во земјава и кризата во светот. Тие се надеваат дека наскоро војната во Украина ќе заврши, со што состојбата ќе се нормализира.

„Со примањата кои ги имам, од месец во месец можам да си дозволам помалку работи. Приоритет ми се сметките, нив морам навреме да ги плаќам, на храна според мене не може да се заштеди, но гледам да ги минимизирам трошоците за патувања, облека, обувки, излегувања по кафулиња и слично“, вели наша соговорничка.

Светска банка објави дека трошоците и натаму ќе растат, а најзасегнати ќе бидат ранливите групи. Државниот завод за статистика објави дека просечната исплатена нето плата во јануари годинава била 29.980 денари, но растот на трошоците за живот е 6,7 отсто. Инфлација има и во регионот и во еврозоната. ССМ и гранските синдикати се гласни и бараат најмалку за 2.800 денари веднаш да има зголемување на платите во приватниот и во јавниот сектор. Тоа е потребно поради тоа што и синдикалната минимална кошница која ја пресметува ССМ во месец март 2021 година изнесувала 33.772 денари, а во месец март 2022 година изнесува 36.768 денари, или истата е зголемена за 3.046 денари. Не се поволни ниту другите податоци поврзани со бројот на сиромашни граѓани. Околу 35 отсто од населението во Македонија е под ризик на сиромаштија, oбјави Евростат лани.

Извор: Фактор.мк