Охриѓанката Ана Дукоска, координаторка на глобалното движење „Ние сме Македонија“, преку Фејсбук празнично се осврна на предупредувањето на УНЕСКО дека македонскиот езерски бисер може да се најде на листата на природни и културни национални богатства во опасност од исчезнување.



„41. редовна седница на Комитетот за светско богатство при УНЕСКО, која се оддржа во Краков, Полска, од 2 до 12 јули 2017 година, поднесе извештај со резултати од разгледувањето на прогресот на преземените посочени мерки за заштитата на природните и културните богатства во Охрид.

Извештајот се состои од забелешки кои посочуваат на алармантно внимание, бидејќи Охрид по 40 години под заштита на УНЕСКО е на прагот да го изгуби својот статус и да се најде на листата на природни и културни национални богатства во опасност од исчезнување.

Како најпотребни мерки, се предложени следниве:

1. Ревизија и приспособување на: Планот за менаџирање, Урбанистичкиот план и Стратегијата за туризам.
2. Затворање и чистење на депонијата ‘Буково’, како и сите останати нелегални отпадни депонии и воспоставување на функционален систем за собирање на комунален отпад.
3. Преземање на неопходни мерки за контрола на инвазивни видови во Охридско Езеро и обезбедување на редовна имплементација на програма за следење на биодиверзитетот, како и спроведување законски одредби за заштита на загрозени и ендемични видови.
4. Да се отстранат сите нелегални градби во рамките на имотот, особено во рамки на Националниот парк ‘Галичица’, кои претставуваат опасност за имотот, вклучувајки ја неговата автентичност и интегритет.

Од добивањето на извештајот во 2017 година до денес Владата, од горе наведените алармантни мерки не реализира ниту една, напротив, ДОЗВОЛИ градба на урбани објекти, спротивно на препораките на УНЕСКО и 32-метарско минаре во строгиот центар, врз црковни урнатини, кое ја менува автентичноста и препознатливоста на градот. Не само што минарето се изгради без потребна законска документација, без око да им трепне на големите ‘фаци’ кои имаат моќ ова да го спречат, а не прават ама баш ништо, туку и во ситуација кога неговата изградба е 99 отсто завршена, Владата се одважува со изјава ‘Минарето е субјект на дијалог’. На каков дијалог? Дијалог за што? За кој да биде оџата кој ќе ја тресе чаршијата 5 пати на ден и кој ќе се надвикува со оџата од џамијата на некојси десетина метри оддалеченост?

Немам ништо против џамиите во Охрид. Имам блиски пријатели од муслиманска вероисповед кои ги почитувам бескрајно и се надевам дека ќе ја сфатат суштината на мојов апел за совесно делување на локалната и извршната власт во државата. Проблемот е пред сè во легалната неисправност на градбата заради политички бизнис зделки во вредност од 4.000 гласови за победа, а противречно на препораките на УНЕСКО за заштита на автентичноста на градот… онаа, која сите добро ја знаете, вие, мои сограѓани, а и целиот свет: Охрид, градот со 365 цркви, по една за секој ден од годината, по цена од нечија фотелја…

Но, не смеам да изоставам и да ја ‘пофалам’ Владата за единствената акција која ја покрена по забелешките на УНЕСКО, и тоа вчера, на 23 мај 2019 година, на нешто малку повеќе од 1 месец до следната редовна седница на УНЕСКО, која ќе се оддржи во Баку, Азарбејџан, од 30 јуни до 10 јули, и ги откорна палмите кои го красеа крајбрежјето на езерото.

И пред да почнете со вашите веќе клише коментари ‘Ако толку те боли, врати се и од тука бори се за Охрид’, запрашајте се што вие правите за Охрид, па макар и од зад тастатура?!

#ДоброУтро
#ЗаМногуГодиниСвКирилИМетодиј
#СтанвиБратДаСиОјмеОвиеНемојтДаГиОписмениме

Со почит, 
#МомичеОдОхрид