Координаторката на непартиското движење „Ние сме Македонија“, Ана Дукоска, пред утрешната втора полуфинална вечер на музичката манифестација „Песна на Евровизија“ во Тел Авив, во која ќе настапи и Македонија, преку Твитер порача дека Тамара Тодевска не заслужува поддршка.

Македонската активистка од Вашингтон ѝ забележува на Тодевска за учеството во пропагандниот музички спот во кој се повикуваа граѓаните да гласаат на пропаднатиот референдум од 30 септември 2018 година, кој беше масовно бојкотиран.
Дукоска и „Ние сме Македонија“ се залагаа за бојкот на референдумот, претходно организирајќи 40 протести низ светот во кои над 150.000 Македонци и пријатели на Македонија бараа прекин на преговорите со Грција и зачувување на државното име Република Македонија.





