
Бугарите како и сите други можат и понатаму да не блокираат. И нема да заврши овде. Секогаш ќе измислуваат некој нов проблем за кој ќе не блокираат. Радев до последен момент ќе ја негира македонската нација а мандатот му е уште четири години. Но, ние употрно одиме по патот кон ЕУ оти нема алтернатива, изјави универзитетскиот професор Никола Дујовски во Студио 10 на ТВ 24.
Според него притисокот ќе расте во земјата во однос на уставните промени.
– Уставот треба двапати да се отвора, еднаш да се утврди дека има потреба за измени па потоа да се спроведат измените. Ако тоа не се стори, Албанија сама ќе ги продолжи преговорите, а ние ќе заостанеме. Ова не би било првпат за нас оти на времето истото ни се случи со Хрватска, рече тој.
Додаде дека ЕУ има многу чудна политика кон Балканот.
– Влијанието на Русија е тука поради лошите европски политики оти Русија не тропа на отворена врата, вели Дујовски.
Според него која било влада во иднина да дојде ќе го продолжи европскиот пат.
– И ВМРО-ДПМНЕ на времето беше за влегување на Бугарите во уставот додека не се случија овие работи како што се клубовите. Сепак, очекувам дека и ВМРО-ДПМНЕ ќе се вклучи во разговорите и покрај тоа што денес велат дека нема да има уставна измена за време на оваа влада оти потоа нив ќе ги чека истото прашање, коментира Дујовски.





