Во ДУИ збунети од кандидатот на Алијанса и БЕСА

Во Мала Речица денеска со нелагодност е примена информацијата дека албанската опозиција ќе има сериозен кандидат на претседателските избори.



Професорот Блерим Река преку соопштение потврди и ја објави неговата кандидатура за независен претседател но неофицијално Река ќе биде кандидат на Алијансата за Албанците и БЕСА на Касами.

„Во неможност да им одговорам на сите медиуми и пријатели, преку ова соопштение ја објавувам мојата независна кандидатура за Претседател на Република Северна Македонија, со надеж дека истата ќе биде поддржана.

Има две причини за оваа одлука. Прва – само со кандидати Македонци, без ниту еден Албанец ова мултиетничко општество, ризикува да се претвори во моноетничко општество, а Албанците да станат само гласачи, но не и оние за кои ќе се гласа. Втора – само интелектуалните критики – без политичко соочување, не се доволни за промена на состојбата. Тие, на Фејсбук остануваат само виртуелни, додека животот е реален. И последно – историјата ја испишуваат државниците, додека интелектуалните само пишуваат за историјата“, напиша Река.

Река е професор на Штуловиот универзитет и екс амбасадор на Македонија во седиштето на ЕУ во Брисел.

Неофицијални партиски анкети велат дека со натпартиски кандидат кој не бил дел од криминал и корупција заедно со Села и Касами може да добие над 100 илјади гласови со што ДУИ ќе преживее тежок удар во Албанскиот блок.