Одлуката инспектори на УЈП да влезат во телевизијата Алфа ја донела лично директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаровска.
Ова го тврдат високи извори во ДУИ кои се упатени во проверките на финансиското работење што УЈП еден месец ги врши во единствената критички настроена телевизија кон власта.
Претставници на ДУИ кои биле алармирани од странски дипломати за селективен однос на УЈП кон медиумите при што инспектори се пратени само во Алфа ТВ, велат дека барале одговор од своите владини коалициони партнери но не добиле соодветни одговори.
Единственото објаснување кое им го дал висок претставник на СДСМ е дека УЈП работи врз основа на закони и дека се работи за редовни проверки но не добиле одговор зошто инспекторите се пратени само во Алфа ТВ а не и во останатите телевизии Сител, Канал 5, Телма, Алсат, ТВ 24, ТВ 21….
Во ДУИ знаат за информациите според кои директорката на УЈП но и висока функционерка на Финансиската полиција се во блиски релации со сопруга на поранешен вработен во Алфа ТВ кој предходно ја напушти телевизијата.
Извори во партијата тврдат дека заменикот директор на УЈП Насер Демири кој и е заменик на Лукаровска не бил консултиран при носење одлука за испраќање на инспекторите на управата во Алфа ТВ. Демири немал информации дека службите задолжени за контрола на финансиското работење на фирмите забележале некаква аномалија во работењето на Алфа.
Доколку се потврди дека УЈП и директорката Лукаровска настапиле селективно, врз основа на лични наоѓања, мотиви и релации а притоа Алфа била дискриминирана во однос на другите национални медиуми ДУИ ќе бара одговорност од коалициониот партнер.
“Помина времето на политички реваншизам и во политиката, и во бизнисот и медиумите. Сами даваме пример со своето однесување. Ако УЈП ја гони Алфа ТВ затоа што ја критикува владата или затоа што Лукаровска има лични пријателски мотиви прогонот мора да запре. Не смееме да ги делиме медиумите на добри и лоши. Ако има инспектори во Алфа ТВ мора да има и во Алсат М, ТВ 24, Сител или во Телма инаку се работи за селективно спроведување на законите ид институциите. Очите на Брисел се вперени кон сите нас и не смееме да се занимаваме со личен или политички реваншизам на кој странците се особено алергични”, вели за expres.mk член на ДУИ кој инсистира на анонимност.
Предходно извори во ДУИ тврдеа дека при преговорите за новата владина реконструкција и за првите луѓе на Народната Банка и министерството за финансии станало збор и за можноста директорското место во УЈП да го добие кадар на Али Ахмети но прашањето било оставено за подоцна.
Како што објави ТВ Алфа инспектори на УЈП речиси еден месец се во просториите на телевизијата и ја чешлаат финансиската архива од 2014 до 2019 година.
Контролите на УЈП во Алфа ТВ започнаа во Август, само неколку дена откако во телевизијата дојде до промена на директорската позиција при што новинарот Васко Ефтов беше заменет со режисерот и продуцент Јани Бојаџи.





