ДУИ не гледа зошто треба да се свика распуштеното собрание

Демократската унија за интеграција, владиниот партнер на СДСМ, не гледа поента за повторно свикување на веќе распуштеното Собрание, велат за Плусинфо од партијата.



Од СДСМ покренаа иницијатива за собирање потпиуси од пратеници за претседателот на Собранието Талат Џафери да го свика Парламентот.

Талат Џафери веќе се изјасни дека не може да се свика седница на Парламент кој е веќе самораспуштен.

„Никој досега не побарал пратениците на ДУИ да поддржат иницијатива за свикување на Собранието. Ние ниту сме информирани за содржината на иницијативата, ниту е побарана поддршка или е направена претходна консултација со нас. Откако ќе ја достават иницијативата до Парламентот ќе ја разгледаме. Би било добро каква било иницијатива за актуелната состојба претходно да има консензуална поддршка. Иако не разбираме која е целта за итно свикување на веќе распуштеното Собрание. Одлуки со сила на закон носи Владата. Ако итноста е поради потврда на одлуките на Пендаровски за вонредната состојба, идниот парламентарен состав ќе ги потврди или не“ вели висок функционер на ДУИ за Плусинфо.

Против повторно свикување на парламентот се изјасни и ВМРО-ДПМНЕ, од каде велат дека станува збор за иницијатива на поранешни пратеници а „каков било чекор кој е надвор од договореното и прифатеното и од политичките лидери на последната лидерска средба ќе претставува еднострано прекршување на принципот за политички консензус“.