ДУИ го прекршила законот при пречекот на Пендаровски

Ако Владата го почитува Законот за употреба на грбот, химната и знамето на Република Македонија, ДУИ како правен субјект или Али Ахмети како одговорно физичко лице и формален домаќин на кандидатот за претседател Стево Пендаровски ќе треба да платат парична глоба на државата.



Според член 30 став 1 точка 1 и став 4 од Законот за употреба на грбот, знамето и химната, за повреда на член 3 од Законот, за правно лице е предвидена глоба од 4.000 до 5.000 евра, а за физичко лице глоба во износ од 500 до 1.000 евра во денарска противвредност.

Според анализата на фотографијата од седиштето на ДУИ вчера во Мала Речица се прекршени повеќе одредби од законот со кој се регулира употребата на државното знаме.

Член 16
Ако знамето на Република Македонија се истакнува во Република Македонија заедно со едно или повеќе знамиња на други држави или меѓународни организации, знамето на РМ се наоѓа во зависност од начинот на поставувањето на тие знамиња:
….
3) На чело на колоната ако другите знамиња се наредени во колона
4) На прво место во редот, односно од левата страна гледано однапред ако другите знамиња се наредени во ред
5) На чело на групата ако другите знамиња се наредени во група

Член 17

Ако знамето на РМ се истакнува заедно со две други знамиња, змаето на РМ се наоѓа во средина.
Ако знамето на РМ се истакнува покрај друго знаме, тоа секогаш се наоѓа од левата страна гледано однапред. По исклучок, тоа се наоѓа на десната страна гледано однапред од знамето на странската држава или меѓународната организација при официјални посети на овластен претставник на соодветната држава или организација.

Ако знамето на РМ се истакнува заедно со знамиња на повеќе држави, знамињата на државитеќе бидат истакнати по абецеден ред.

Ако знамето на РМ се истакнува со знамето на единиците на локалната самоуправа и други знамиња, знамето на Република Македонија се истакнува на прво место од левата страна оддалечено два метри, а повисоко за еден метар и со поголема димензија од знамето на единицата на локалната самоуправа и од другите знамиња.

….
Член 21
При истакнување на знамето на РМ во затворени простории, тоа секогаш се става од десната страна гледано од страна на говорникот, а доколку истовремено се истакнуваат знамето на единицата на локалната самоуправа и други знамиња, тие треба да стојат од левата страна оддалечени два метри, едно метро пониско и со помали димензии од знамето на РМ.

Македонското знаме вчера освен што не беше поставено согласно законот беше делумно покриено со знамето на ДУИ.