ДУИ бара прв премиер Албанец на Македонија со кампања само на албански

Владејачката Демократска унија за интеграција (ДУИ) ја почна својата кампања за парламентарните избори на 15 јули од Преспа со мотото „Време е за прв премиер Албанец“, но и лидерот Али Ахмети, и кандидатот на партијата за претседател на Владата, Насер Зибери, се обратија само на албански јазик.



Интегративците не кријат дека (нај)голем успех во овие три години на власт во коалиција со СДСМ им е Законот за употреба на јазиците, со кој албанскиот стана рамноправен со македонскиот на целата територија на државата, но јазикот на Македонците го немаше на паноата и на пропагандните материјали во Преспа.

Единствената поткрепа за своето инсистирање за целосна рамноправност на Албанците со Македонците преку нивен премиер ДУИ ја манифестира со истакнување на македонското државно знаме – зад албанското.