Седниците на Собранието да се одржуваат и онлајн, за да не се малтретираат пратениците кои треба да бидат во изолација да доаѓаат на седници за да гласаат, бара ДУИ.



Интегративците бараат да се разгледа можноста за изменување и дополнување на Деловникот со што ќе се прецизира што значи „присуство на пратеници“.

„Во сегашната регулатива на Собранието стои реченицата ’присуство’. ДУИ сака да прецизира дека присуството на пратениците во Собранието може да биде физичко или онлајн.

Не смееме да дозволиме малтретирање на пратеници кои моментално се погодени од ковид-19, да не ги тераме преку посебен третман да доаѓаат на седници и потоа да ги загрозуваат сите други. ДУИ не сака Собранието да дојде во ситуација да блокира важни процеси“, се вели во партиското соопштение.

СДСМ и ДУИ кои се дел од парламенатрното владејачко мнозинство, на вчерашната координација кај Талат Џафери, предложиле онлајн учество на пленарните седници само на пратеници кои се во изолација поради ковид-19.