Пратеникот и претседател на Демократскиот сојуз, Павле Трајанов, на денешната седница на собраниската Комисија за одбрана и безбедност, побара МВР до Собранието да достави Информација за грозоморните убиства на Вања Ѓорчевска и Панче Жежовски.
„И покрај сите апели да не се политизираат овие грозоморни настани, секојдневно се соочуваме со обиди на СДСМ и премиерот Димитар Ковачевски да ја релативизираат и префрлат одговорноста на други партии и поединци.
Само преку сеопфатна анализа може да се дојде до клучните оценки за поставеноста и дејствувањето на системот, превенцијата, системските слабости, последици од партизацијата, толеранцијата на криминалните и екстремни однесувања, политичката заштита на говорот на омраза, неоснованите напади на неистомисленици итн. Парламентот треба да расправа и за можна политичка одговорност на носителите на власт“, се вели во соопштението на Демократскиот сојуз.
Комисијата го прифатила предлогот на Трајанов и го задолжила министерот за внатрешни работи во рок од 15 дена да достави Информација до Комисијата за одбрана и безбедност.






